Поранешниот репрезентативец на БиХ, Владимир Врањеш, кој по Европското првенство во Унгарија реши да стави крај на својата репрезентативна кариера, во разговор за босанскиот портал „Мондо.ба“ зборуваше за состојбата во репрезентацијата на БиХ, нејзиното подмладување, клупската кариера и други теми поврзани со ракометот.
Членот на Бенфика од 2009, па сѐ до јануари оваа година го носеше националниот дрес на БиХ, настапи на 82 меѓународни натпревари и постигна над 130 погодоци.
Иако со БиХ не постигна забележителни резултати, сепак, играше на три големи натпреварувања.
,,Минав 12 убави години во репрезентацијата. Научив многу, стекнав пријатели за цел живот и бевме вистински тим. Никогаш не гледавме кој е кој и од каде доаѓа. Заедно славевме и Божиќ и Бајрам, се радувавме на победите и тагувавме по поразите. Бевме хомогена екипа и затоа направивме резултат. Секако, селекторите Драган Марковиќ, Билал Шуман, Ивица Обрван… исто така придонесоа за да оствариме добар резултат. Се надевам дека политиката никогаш нема да се влезе во спортот, кој треба да биде нешто по што ќе бидеме препознатливи во светот“ изјави Врањеш за „Мондо.ба“.
Искусниот ракометар смета дека треба да му се даде поддршка на новиот селектор Ирфан Смајлагиќ, а националноста во репрезентацијата ја гледа како неважна.
,,Што се однесува до нашата репрезентација, не знам што да кажам, дали е подмладена или не. Имаме многу играчи кои имаат 29, 30 години, некои помлади играчи заиграа откако неколку репрезентативци ја завршија кариерата. Националноста е неважна, во тој тим има Срби, Хрвати и Бошњаци и не треба да има опструкции во изборот. Избран е нов селектор, треба да се поддржи и да се обиде да ги реализира своите идеи. На големите натпреварувања, бевме на три, две европски и едно светско првенство, мислам дека тоа е голем успех, јас не знам дали некоја друга селекција на БиХ го има постигнато тоа во некој друг колективен спорт”, заврши Врањеш за „Мондо.ба“ .
Босанецот во својата кариера настапуваше за екипите на Татабања, ПИК Сегед, Адемар Леон, Борац Бања Лука и Мешков Брест.