Македонија ќе биде домаќин на Европско првенство во сениорска женска конкуренција по 14 години.
Амбасадор на ова ЕП е Гордана Нацева, која вели дека е особена чест да се има оваа функција и да се промовира настанот.
„За мене е голема чест, задоволство, но и одговорност да бидам дел од ова ЕП, некој што со својот личен придонес ќе треба да остави белег за што подобро да го промовираме првенството. За мене ова е предизвик многу сличен како кога бев јас дел од репрезентацијата. И тогаш како и сега сакав достоинствено да ја претставиме нашата држава, да бидеме пример за помладите ракометарки. Бидејќи спортот е борба за резултат, но исто така и претставување на нашите вредности, нашата култура, затоа сите заедно ќе работиме напорно за да го сториме тоа. Она што посебно ќе биде моја инспирација, сметам дека треба да допреме до секоја девојка што сака да се занимава со спорт, бидејќи само жени со самодоверба, кои знаат што значи да се вложува во себе преку спортот, во иднина ќе бидат многу корисни за општеството. Верувам дека ќе бидеме добри домаќини и дека ќе го задржиме приматот на најдобар национален спорт“, изјави Нацева.
Македонија е во група со Франција, Холандија и Романија, а ЕП ќе започне на 4 ноември и ќе се игра во Скопје, Целје, Љубљана и Подгорица.