Актуелниот тренер на Струга, Наум Танески, е нов селектор на кадетската репрезентација на Македонија, а негов помошник ќе биде Миле Бочкаровски.
Ракометната федерација на Македонија денеска го потврди ангажманот на Танески, кој е дел од стручниот штаб на Раде Стојановиќ во младинската репрезентација.
Танески и Бочкаровски ќе ја водат новата генерација на кадети, која ќе се обиде да тргне по стапките на претходната генерација на Стојановиќ и Ангеловски, кои пак ги чека настап на младинското ЕП 2024 во Словенија.
„Ве известуваме, во делот на спроведување на програмските активности, а согласно член 35 од Статутот на РФМ, односно Член 3 точка 11 од Законот за здружение и фондации, Управниот Одбор на Ракометна Федерација на Македонија донесе Одлука за именување на г-дин Наум Танески за тренер/селектор на машката кадетска репрезентација, а за помошник тренер е именуван г-дин Миле Бочкаровски.
Кадетската машка репрезентација ќе учествува на квалификациски турнир кој ќе се одржува во периодот 04.01.2024 – 08.01.2024 година. На турнирот ќе учествуваат и националните селекции на Косово, Швајцарија и Словачка од кои најдобрите 2 селекции ќе обезебедат пласман на EHF EURO M18 (2024) во Црна Гора.
Организатор на групата за квалификацискиот турнир е РФМ, натпреварите ќе се одигруваат во Скопје, спортскиот центар „Автокоманда“, а во пресрет на подготвителниот период машката кадетска репрезентација ќе учествува и на турнирот „Трофеј Карпати“ кој ќе се одржи во Плоешти, Романија во период од 25ти до 29ти Октомври 2023, каде ќе учествуваат и националните кадетски селекции на Египет, Црна Гора и Романија“, се вели во соопштението на РФМ.
Танески е поранешен ракометар на Струга, Југ и повеќе македонски и грчки клубови, а тренерската кариера ја гради со голем успех во неговиот матичен клуб. Прв предизвик за новиот стручен штаб на новата кадетска генерација ќе биде настапот на турнирот „Трофеј Карпати“ во Романија, кој ќе биде генерална проба пред квалификацискиот турнир во Скопје за пласман на ЕП 2024.
Новата генерација на кадети ќе игра квалификации на домашен терен со Словачка, Швајцарија и Косово за ЕП 2024 што ќе се одржи во Црна Гора.