Ракометарите на Мотор Запорожје денес против македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер ќе ја бараат последната шанса за пласман во осминафиналето во Лига на Европа.
Токму вечерашниот дуел во Битола ќе биде одлучувачки која од двете екипи ќе обезбеди место меѓу најдобрите 16 клуба во второто по квалитет европско натпреварување.
На Мотор Запорожје за пласман во осминафиналето му е потребна минимална победа, додека на битолскиот тим му одговара нерешен резултат.
Еден од најдобрите стрелци во Мотор Запорожје, Дмитро Хориха, кој во досегашниот тек од сезоната во Лига на Европа постигна 40 погодоци, се надева на поволен резултат во дуелот со битолскиот тим.
,,Последните натпревари доволно говорат за моменталната состојба на клубот. По зимската пауза, тимот се издигна на поголемо ниво, стана уште поагресивен во играта и кај играчите се појави голема самодоверба. Подготвени сме за дуелот со Еурофарм Пелистер и овој дуел е еден од најважните натпревари за нас во оваа сезона, финале за пласман во осминфиналето”, изјави Хориха.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Мотор Запорожје ќе се одигра со почеток од 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.