„Натпреварите со Вардар ќе бидат убава шанса за младите да покажат што знаат“

Ракометарите на Вардар утре го играат првиот четвртфинален натпревар од дивизијата „Југ“ во регионалната СЕХА лига против српскиот првак Војводина.

Гостите доаѓаат со комбиниран состав, а тренерот Борис Ројевиќ нагласи дека приоритети на тимот од Нови Сад е Европскиот Куп каде ќе играат полуфинале.

„Не сум сигурен дали досега сме имале толку натпревари во една сезона. Од една страна, тоа е добар доказ дека правиме нешто добро, играме во повеќе натпреварувања. Од друга страна, мора да бидеме паметни и да ги одредиме приоритетите. Се соочуваме со многу повреди во моментов и во Скопје ќе патуваме со комбиниран тим од играчи кои покажаа дека можат да имаат квалитетни изданија во СЕХА“, изјави Ројевиќ.

Средниот бек Бранко Томиќ вели дека мечот со Вардар е убава можност некои играчи да видат до каде се.

„Голема работа е да играте против тим како Вардар. Независно од ростерот на играчи, наша цел е победа. Ова ќе биде убава можност некои играчи да видат до каде се во моментов, да ги потврдат своите способности и да почувствуваат како е да се игра против Вардар. Верувам дека ќе го дадеме најдоброто од нас“, вели Томиќ.

Мечот меѓу Вардар и Војводина се игра утре од 18:00 часот во СЦ „Јане Сандански“, додека реваншот е на 11 април во Нови Сад.