Македонската радио телевизија ќе врши директни преноси од натпреварите на нашата репрезентација на Светското првенство за кадетки.
Како што е веќе познато, избраничките на Љубомир Савевски по трите победи во групната фаза, против Сенегал, Узбекистан и Иран, обезбедија пласман меѓу 16-те најдобри репрезентации на кадетскиот Мундијал, кој се одржува во Македонија.
Репрезентацијата на Македонија за прв ривал во главната рунда ја има селекцијата на Шведска, која во Скопје пристигна со селекторот на сениорките, Томас Акснер.
Освен со Шведска, младите ракометарки на Македонија ќе играат и против селекцијата на Исланд. Доколку македонската репрезентација ја победи Шведска или Исланд, со една нога ќе биде во четвртфинале и ќе има шанса да се бори за висок пласман.
Натпреварот меѓу Македонија и Шведска ќе се одигра денес, со почеток од 20:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“, додека дуелот со незгодната селекција на Исланд е закажан за 5 август, во истиот термин (20:30 часот).