Еурофарм Пелистер денес ги започна подготовките за вториот дел на сезоната. Жељко Бабиќ го одржа првиот тренинг, на кој присуствуваа ракометарите кои не се дел од Европското првенство.
Еден од ракометарите кои нема да настапи на Европското првенство е средниот бек, Марио Танкоски.
Младиот ракометар есенскиот дел од сезоната го оцени како одличен, а најави голема борба во дуелите против ривалот за шампионската титула, Вардар. Еурофарм Пелистер и Вардар меѓусебно ќе имаат две пресметки во плеј-оф фазата од Супер лигата.
„Би рекол дека есенскиот дел беше одличен. По почетниот лош натпревар против Ним, направивме серија на позитивни резултати. Во домашното првенство доминиравме, штета само што во последниот натпревар против Вардар не ги освоивме трите бода. Но, нема враќање назад, напорно ќе работиме за да победиме на преостанатите два натпревари против нив во плеј-офот. Јануари е месец на подготовки, не сме комплетни, имаме репрезентативци и отсутни поради Ковид 19. Добро ќе ни дојдат подготовките во Хрватска“, изјави Танкоски.
Според плановите, екипата на Еурофарм Пелистер во Битола ќе тренира до 23 јануари, а потоа е предвидено подготовките да продолжат во Хрватска. Таму ќе бидат одиграни пријателски натпревари против Целје, Сесвете и против учесникот од Лигата на шампионите, Загреб.