Репрезентативецот на Хрватска, левото крило Марин Јелиниќ, кој требаше да го засили белорускиот шампион Мешков Брест, може да остане во екипата на Нексе, пишува хрватскиот „24сата“.
Јелиниќ имаше потпишано договор со Мешков Брест за новата сезона, но според информациите на „24сата“, левото крило на хрватска репрезентација ја продолжил соработката со екипата, која во изминатата сезона беше најпријатно изненадување во Лига на Европа.
Поради ситуацијата во белоруските клубови, кои исто како и клубовите од Русија, се соочија со санкции од страна на Европската ракометна федерација (ЕХФ), речиси сите странски ракометари кои требаше да го засилат Мешков Брест во новата сезона, нема да го облечат дресот на белорускиот шампион.
Екипата на Нексе е противник на Вардар во рамки од четвртфиналето од СЕХА лигата. Натпреварот меѓу Нексе и Вардар ќе се одигра на 23 август во СЦ „Јане Сандански“, со почеток од 20:15 часот.