Наместо машкиот, го презеде женскиот тим на Ниш!

Селекторот на машката младинска репрезентација на Србија, Ѓорѓе Теодоровиќ, кој со своите избраници ја освоија бронзата на Европското младинско првенство во Португалија, кое се одржуваше во периодот од 7 до 17 јули, влегува во нов предизвик во својата тренерска кариера, ќе биде нов тренер на женскиот клуб Наиса Ниш.

Теодоровиќ во меѓувреме беше договорен да го преземе составот на машкиот клуб од Ниш, Железничар, и беше во игра за останување на тренерската функција во Раднички Крагуевац, но во последен момент се одлучи во новата натпреварувачка сезона да предводи женска екипа.

 

,,Во принцип, клучен фактор за преземањето на екипата беше желбата да работам во Ниш. Ако не можеше да биде Железничар, мило ми е што тоа ќе биде Наиса. Мене ми е важно да останам во српскиот ракомет, помалку важно дали тоа ќе биде машки или женски клуб. Треба подетално да ја запознаам лигата, но забележав и дека квалитетот на женскиот ракомет во Србија е на високо ниво. Сега на мене е да се обидам да го применам норвешкиот систем на работа во мојот нов клуб“, изјави Теодоровиќ за MozzartSport.

Довчерашниот тренер на Наиса Ниш, Живојин Макшиќ, кој пред неколку недели како прв асистент на Љубомир Обрадовиќ во стручниот штаб на селекцијата на Зеленортските Острови, постигна сензационален успех освојувајќи го сребрениот медал на Африканското првенство, доби примамлива понуда од Израел и реши да го продолжи тренерскиот ангажман на Блискиот Исток.