Вардар брзо го заборави домашниот пораз во лигата на шампионите од Монпелје, па успешно се справи на гостински терен со Пролет каде „црвено-црните“ триумфираа со 35-26 (18-12). Вообичаено овие мечеви меѓу Пролет и Вардар знаат да бидат и доста неизвесни, но овојпат тимот од „Јане Сандански“ дојде, виде и победи во салата на Пролет.
Со триумфот Вардар, седми по ред сезонава го задржа лидерското место на табелата во домашната Супер лига со 21 бод, а за Пролет ова е втор пораз сезонава и останува на 15 освоени бодови. Не му помогна на Пролет што на мечот имаше 10 седмерци и плус повеќе минути играч на терен (поради исклучувањата кај Вардар)
Од самиот почето Вардар иако повторно со комбиниран состав, без некои од најдобрите интернационалци, и без голманот Борко Ристовски од самиот почеток тргнаа во напад, и после 11 минути имаа водство од 4-8, а само три минути подоцна и „плус 5“ за водство 10-5.
Вардар го имаше расположениот Мартин Томовски кој во првото полувреме одбрани 8 упатени топки кон неговиот гол, плус еден пенал. Еден пенал оди зад името на Гогов кој исто така беше меѓу стативите кога домашните шутираа во првото полувреме. Голманите на Вардар заедно на средбата има 12 одбранети топки и плус четири седмерци.
Таа разлика од 4-5 гола се задржа до крај, а во последните секунди од првиот дел со цепелин Тимур Дибиров првпат му донесе водство на Вардар од „плус 6“ за 18-12. Изгледаше како веќе да е завршена работата, иако остануваа уште 30 минути за играње. Вардар играше лесно, па тренерот Вујовиќ им даде шанса на многумина од клупата. На другата страна Бошковски тешко го наоѓаше идеалниот тим што може да му се спротистави на Вардар.
Само што судиите свирнаа за почеток на второто полувреме, Стоилов од центарот го изненанди голманот Јане Цветковски кој не беше убаво поставен, па Вардар почна со „плус 7“ гола предност, 19-12.
Разликата продолжи да се зголемува. Свежите играчи на Вардар кои постојано се менуваа лесно погодуваа, а одбраната се справуваше со домашниот напад. За само седум минути играње во второто полувреме Вардар имаше предност од 25-16 како највисока предност дотогаш на средбата.
„Десетката“ првпат „пукна“ во 44 минута кога Карапалевски погоди за 27-17. Вујовиќ реши да им даде шанса на Савревски, Ќосевски, Добревски, Атанасовски, Гогов…. За шест минути Пролет успеа да намали на 21-28 во 50. минута, па тоа беше момент за тајмаут за Вујовиќ. Младите брзо се вратија на „плус 9“, а потоа Пролет уште полесно намали на оние седум гола негатива што претходно ги имаа.
До крајот немаше изненадувања, разликата од 8-9 гола се задржи до крај на натпреварот за нов триумф на „црвено-црните“.
Во следното коло Вардар е домаќин на Прилеп, додека Пролет треба да гостува кај Радовиш. Пред одигрување на мечот со Прилеп, ракометарите на Вардар треба да го одиграат и мечот од ЕХФ лигата на шампионите со Алборг во Данска во среда.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА