После санкциите од ЕХФ и ИХФ веќе подолго време се најавува за формирање на турнири меѓу руски и белоруски екипи, а сега порталот „sb.by“ пренесува детали.
Турнирите во кои ќе учествуваат екипи од овие две земји би требало да стартуваат следната сезона.
„Наесен ќе се организира заедничка ракометна лига. Шефовите на федерациите веќе потпишаа договор за соработка“, пишува порталот.
Нема да има само машка, туку и женска лига. Предвидено е учество на осум клубови, по четири од двете земји. Од Белорусија учесници би требало да бидат. Мешков Брест, СКА, Гомел и Машек.
Женската лига би се формирала на нешто поинаков начин. Таму би требало да има две екипи од Белорусија и четири од Русија. Се шпекулира и дека не е исклучено учество на екипа од Кина.
Натпреварите во лигата би се играле во термините кои се предвидени за европските купови. Воедно и во двете земји нормално ќе продолжат националните првенства. Исто така планот е и во машка и во женска конкуренција завршницата да биде со фајнл-фор турнир.
Најавена е и соработка помеѓу репрезентациите на двете селекции. Двајцата селектори веќе разговарале за одржување на заеднички тренинг кампови, како за сениори така и за младинци.