Иако беше најавен трансфер во шампионот на Кувајт, Казма, сепак Стефан Дрогришки нема да заигра за овој клуб. Тој трансфер не се реализираше, но не мина долго време за битолчанецот да најде средината каде што ќе настапува во новата сезона.
Станува збор за грчкиот клуб Диомидис Аргус, кој во претстојната сезона влегува со големи амбиции за врвот и борба со АЕК Атина, ПАОК и Олимпијакос за шампионската титула.
Дрогришки ги мина сите репрезентативни категории, а има настап и на Светското првенство во Франција. Минатата сезона ја мина во Еурофарм Пелистер 2, а претходно беше дел од Пелистер, Металург и Еурофарм Работник. Трансферот во Грција за него ќе биде прв интернационален предизвик.
Претходно Диомидис се засили со пикерот Олександр Шевелев, кој исто така играше во Битола, бразилскиот десен бек Бруно Де Оливиера, египетскиот десен бек Мухмед Ал Харагави, најдобриот грчки ракометар Харис Малиос, потоа српскиот лев бек Цуро Мујиќ, како и белорускиот голман Игор Черников, додека соработката ја продолжи француското десно крило што некогаш играше за Охрид, Малик Хогас.