Селекторот на женската репрезентација на Норвешка, Торир Хергеирсон за данската телевизија „ТВ2“ изјави дека во иднина не треба да се играат квалификации за настап на Олимписките игри.
Искусниот селектор на Норвешка откри дека за време на Светското првенство во Јапонија во 2019 година некои репрезентации намерно тактизирале и ги губеле натпреварите со цел да бидат во полесна квалификациска група за Олимписките игри бидејќи уште тогаш се знаело која репрезентација во која група ќе игра.
„Натпреварите од Светското првенство од Јапонија се едни од аргументите за укинување на квалификациските натпревари за Олимписките игри. Можете да направите како што направија и некои земји во Јапонија. Тие избраа да губат натпревари за да завршат во поволна ждрепка за квалификациите за Олимписките игри. Мислам дека такво нешто е потполно за осуда”, изјави Хергеирсон.
Селекцијата на Норвешка секогаш била учесник на Олимписките игри. На следните Олимписки игри во Токио, Норвешка е во групата А заедно со репрезентациите на Холандија, Црна Гора, Јапонија, Ангола и Јужна Кореја.