Еден од тимовите кои што се натпреварува во плеј-оф фазата во Првата лига, но нема забележителни резултати, тимот на Астраион, дојде до третата победа, откако на свој терен ја совлада Македонија ЃП со 28:23.
На првиот меѓусебен дуел триумфираше екипата на Оливер Димитриоски со пет разлика, 35:30.
Астраион победата ја најави уште во воведниот дел кога поведе со 4:0, потоа имаше ,,плус пет” 6:1, и како одминуваше времето растеше предноста во корист за домаќините.
Избраниците на Пецанов на полувреме заминаа со убедлива предност од 18:10 и рутински ги одработија вторите 30 минути, во кои поради големата разлика се опуштија во финишот, па така гостите успеаја само да го ублажат поразот.
Предводник во победничката екипа беше Васе Наков со 12 погодоци. Прво име во гостинскиот табор беше Бојан Шумоски, постигна осум погодоци, додека пет реализации запиша Кристијан Стојановски.