Светската ракометна федерација порано од очекуваното објави дека Полска и Русија ќе ги добијат двете вајлд-карти за настап на Мундијалот во Египет. Иако во конкуренција беше и Македонија (покрај Србија и Црна Гора), ИХФ одлучи нашата машка репрезентација да не патува на СП. Сега се пополнети 30 од вкупно 32 места на светскиот собир, а последните два патника би требало да бидат познати најдоцна до 31 октомври, бидејќи ИХФ го продолжи рокот за играње на Првенството на Северна Америка и Кариби, како и на квалификацискиот турнир во Јужна и Средна Америка.
За првенството на Северна Америка и Кариби се уште нема официјален термин, а доколку биде откажано, ИХФ добива уште една вајлд-карта за СП. Нема сомнеж дека ако се игра, САД ќе го освои и ќе патува на Мундијалот, но и да не биде така ИХФ ќе ја додели вајлд-картата на САД. Светската куќа на ракометот веќе најави дека САД уште отсега ќе добие место на СП 2025 и 2027, без разлика дали ќе успее преку квалификации да го обезбеди истото.
Надежта за Македонија е квалификацискиот турнир „Последна шанса“ за Средна и Јужна Америка, кој е новитет на ИХФ. Бидејќи првенството на Средна и Јужна Америка имаше само шест учесници, виза за СП можеа да добијат само првите три, иако за овој континент има четири места.
Тоа место што остана празно треба да го добие победникот на квалификацискиот турнир, кој е закажан од 19 до 25 октомври во Ел Салвадор. Ако тој турнир биде откажан поради коронавирусот или поради недоволен број учесници, местото на СП треба да го добие континентот од каде што доаѓа светскиот првак (Данска), а тоа е Европа. Според правилата, ЕХФ нема да го добие како вајлд-карта, туку како место за најдобрата репрезентација од Европа што не обезбедила СП, а тоа е Македонија (15 место на ЕП).
Во Ел Салвадор треба да играат најмалку четири селекции, од кои три не играа на Првенството на Јужна и Средна Америка од кое се обезбедуваше место на СП. Ако овој услов не биде исполнет, или турнирот биде откажан поради коронавирусот, тогаш Македонија ќе добие место на СП. Со оглед на тоа како се развива ситуацијата со коронавирусот во Јужна и Средна Америка, тешко е за верување дека турнирoт ќе се одржи до 31 октомври, па останува да се надеваме дека оваа лоша ситуација ќе и донесе нешто добро на нашата репрезентација и ќе ги гледаме момците на СП во Египет.