Поранешната ракометарка на Металург, Марија Гајиќ, е нова членка на екипата на Ротвајс Тун, и трета ракометарка од Македонија која ќе игра во швајцарското првенство по Викторија Мурговска (Тун) и Симона Гроздановска (Винтертур).
За десното крило ова е прв интернационален предизвик откако во Македонија го носеше дресот на Металург. Ротвајс Тун верува во квалитетите на Гајиќ која веќе неколку денови тренира со екипата за адаптирање во новата средина.
„Ангажманот на Марија е важен чекор за нашиот тим. Таа брзо се навикна со нас и ќе ни помогне со своите искуства од македонската лига и младинската репрезентација“, изјави спортскиот директор на Тун,Јирг Стендер.
Швајцарскиот тим сака подобри резултати во преостанатиот дел и сигурно ќе донесе уште неколку квалитетни засилувања.
Во Швајцарија настапува и сопругот на Гајиќ, Александер Шпенде, екс ракометар на Металург, а моментално ги брани боите на Базел.