Мулти Есенс убедлив на гостувањето во Струмица

Дебитантот во Првата лига, екипата на Мулти Есенс, која регуларниот дел од натпреварувањето го заврши со 100% учинок, оствари 16 победи на 16 натпревари, со победа ја започна борбата за место во македонската елита.

Мулти Есенс во првото коло од прволигашкиот плеј-оф немаше поголеми проблеми против Астриаон од Струмица и триумфираше со 30:22 (13:9).

Избраниците на Ангеловски покажаа дека се поквалитетен противник уште во првото полувреме кога стартуваа со предност од 5:1. Астраион на моменти парираше, се враќаше на еден – два гола негатива, но тоа не беше доволно за поволен резултат против гостинот од Скопје.

Тимот на Ангеловски ја диктираше предноста во првиот дел и на полувреме замина со предност од 13:9.

Во вториот дел целосно се распадна играта на домаќините, кои влегоа во серија на технички грешки и не можеа да се изборат за поблаг пораз.

Најефикасен во победничката екипа беше Дарин Омерагиќ со девет погодоци. Кај Астраион се истакна Марко Стојанов, реализираше петпати во противничката мрежа.