Мулти Есенс со „два од два“ на стартот во дебитанската сезона!

Екипата на Мулти Есенс во второто коло од Првата лига забележа убедлива победа на гостувањето во Свети Николе против Овче Поле со осум гола разлика, 33:25. Во претходното коло Мулти Есенс го совлада Шампион со 39:26.

Мотивираните домаќини успеаја да парираат во првите петнаесетина минути, а во останатиот дел од натпреварот гостите од Скопје има резултатска контрола и лесно стигнуваа до погодоци.

Откако беше 6:6, гостинската екипа се одлепи на 10:6 и веќе во тој момент го скрши отпорот на домаќинот. До крајот на првиот дел предноста на Мулти Есенс постепено растеше и по 30 минути игра резултатот беше 17:11 во корист за екипата на Бранислав Ангеловски.

Овче Поле беше немоќен во продолжението од натпреварот и немаше шанси за нешто повеќе против екипата, која има амбиции да обезбеди висок пласман во прволигашкото друштво. Мулти Есенс рутински го затвори натпреварот и ја запиша втората победа во својата дебитанска сезона.

Предводник во победничката екипа беше Михајло Костовски со десет погодоци, додека втор стрелец беше Димитар Узунчев со седум гола. Во поразениот табор солиден натпревар одигра Димитрија Крстев, кој имаше осум реализации во мрежата на гостинот од Скопје.