Денес во рамки од 7. коло од Првата лига дуел имаа двата дебитанти, екипите на Бисинов и Мулти Есенс.
Рутинска победа оствари екипата на Мулти Есенс, која триумфираше со 40:16 и се зацврсти на првата позиција во групата А.
На овој натпревар тимот на Бисинов во спортската сала „Круме Кепески“ во Кисела Вода беше формално домаќин.
Победникот на дуелот беше решен уште по првите 30 минути кога избраниците на Бранислав Ангеловски заминаа на пауза со предност од 18:11.
Бисинов во вториот дел постигна само пет погодоци, последниот во 45 минута, додека разиграните ракометари на Мулти Есенс од минута во минута го зголемуваа водството за конечни 24 гола разлика.
Најефикасни во победничката екипа беа Димитар Узунчев со девет и Матеј Тричковски со седум погодоци. Во поразениот табор се истакна Давид Славевски со шест реализации.