Ракометарите на Мулти Есенс ја запишаа седмата победа во дебитанската сезона во Првата лига, откако во натпревар од 8. коло беа убедливи против Текстилец со 38:18. На овој натпревар гостите од Штип настапија со 11 ракометари.
Со новата победа, дебитантот се зацврсти на првата позиција на табелата во групата А. Мулти Есенс, моментално, има 21 бод на свое конто.
Натпреварот беше решен уште по првото полувреме, кое заврши со предност од 19:12 за дебитантот.
Во вториот дел, тренерот на Мулти Есенс, Бранислав Ангеловски ја измеша поставата, шанса им даде и на останатите ракометари од клупата и вторите 30 минути минаа во целосна доминација на домаќините.
Најефикасни во победничката екипа беа Димитар Узунчев со осум и Матеј Тричковски со шест погодоци. Во поразениот табор Бобан Димитријев, кој во 35 минута заработи црвен картон поради три исклучувања, заедно со Васе Петров имаа по четири реализации.