Денеска се одржа редовното годишно Собрание на Ракометната федерација на Македонија, на кое меѓу другите точки, беше и точката за настапите на македонските национални селекции во сите конкуренции.
Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, направи преглед на настапите на македонските репрезентации и најави дека во иднина куќата на ракометот и клубовите ќе работат само со една цел – развој на македонскиот ракомет.
„Во текот на извештајниот период, РФМ уредно ги сервисираше сите репрезентации, забележани се вкупно 1590 одиграни натпревари од кои 996 натпревари во сениорски лиги и 594 во младинските категории. Притисокот и жедта за резултатски успех години наназад не останува кога се работи за машките ракометни сениори. Оваа категорија по успешните квалификации обезбеди место на ЕП 2022 и го продолжи континуитетот на шесто учество по ред на континенталните собири. Лично, не сум задоволен од 22. место и сметам дека можеме подобро. Нова енергија во моментов е ангажманот на селекторот Лазаров и во стручниот штаб се вклучени големи ракометни имиња кои го донесоа своето знаење и даваат голем придонес за македонскиот дрес. Неодамна по баражот на натпреварите за СП 2023 каде успешно се минаа Романија и Чешка, 12-та година по ред ќе играме на големо натпреварување. Околу квалификациите за ЕП 2024 во Германија, ги чекаат и настапите на Медитеранските игри во Алжир на кои ќе играат и нашите дами. Околу настапот на женската селекција и покрај шесте порази во Еврокупот на ЕХФ може да се забелжи напредок. Сега не чекаат настапи на ЕП на кое сме еден од домаќините. Успехот во Клаипеда за кадетките донесе голем успех за женскиот македонски ракомет. Со настапите под водство на Савевски, кадетките беа нова надеж за женскиот ракомет. Но, ќе мора да имаме трпение, дисицплина и многу напорна работа. Истото важи и за сите други категории. Македонските клубови продолжуваат со активно учество на ракометната сцена. Во машка конкуренција Вардар ја мина групата во ЛШ, а вториот македонски претставник, Еурофарм Пелистер, избори место меѓу најдобрите 16 екипи. Сакам да се заблагодарам на сите спонзори, на сите помагатели, на сите учесници во овој спорт. Само заедно може да одиме напред и се надевам дека сите ќе работиме со единствена цела, за развој на македонскиот ракомет“, изјави Мукаетов.
Македонија во јули ќе биде домаќин на кадетскиот женски Мундијал, додека во ноември ќе биде домаќин на сениорското Европско првенство во женска конкуренција.