Во 2022 година Македонија е еден од домаќините на Европското првенство во женска сениорска конкуренција, а со оглед на тоа што на резулатски план нема големо подобрување кај ракометарките претседателот на РФМ, Живко Мукаетов имаше критики.
„Не сум задоволен од резултатите во женската репрезентацијата, а се надевам дека подмладувањето ќе донесе подобри моменти во националниот тим. Сепак, ќе треба да се работи повеќе во овој период и сите кои се вклучени во репрезентацијата ќе мора уште повеќе да работат во националниот тим. Во моментов според она што се случува и во помладите селекции и во сениорската како да се вртиме во круг“, коментираше првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов.
Тој искоментира и дека проблемот е во тоа што нема доволно добра база на ракометарки од кои ќе се дојде до избор на ракометарки кои ќе можат и во иднина да го носат националниот тим.
„Ние немаме база на ракометарки кои ќе ја претставуваат оваа држава. Не се работи само за Европското првенство во 2022 година кое ќе трае две недели. Потребно ни е да имаме ракометарки на кои ќе сметаме и потоа. Според мене во женскиот ракомет има комплетно незадоволителна ситуација. Критиката оди и до мене и до сите кои се вклучени во работата на женската репрезентација“, коментираше Мукаетов.
Главното оди и кон работата на клубовите со оглед на тоа што оттаму се очекуваат нови ракометарки кои би можеле да дојдат до настап во националниот тим.