Екипата на Ериче, во која настапува македонската интернационалка Савица Мркиќ, дојде до нова победа во италијанскиот шампионат, откако на домашен терен славеше против незгодниот состав на Падова со пет гола разлика, 25:20.
Голем удел во победата имаше ракометарката од Македонија која беше најефикасна на теренот.
Македонката во мрежата на гостинот постигна 11 гола, имаше и неколку асистенции кон нејзините соиграчки и одлично ја заврши својата задача во одбраната.
На претходниот дуел, против екипата на Мецокорона, Мркиќ беше стрелец на 13 гола.
Ериче во годинешната сезона атакува на висок пласман во шампионатот на Италија, а потврда за силните амбиции на клубот беше и ангажирањето на екс голманката на Бразил, Чана Масон.
Клубот на Мркиќ моментално се наоѓа на 3. позиција на табелата со 18 бода, второпласираниот Јоми Салерно има 19, додека актуелниот лидер Понтинија на свое конто има 20 бода.