Екипата на Ериче, во која настапува македонската интернационалка Савица Мркиќ, ја забележа третата победа во италијанскиот шампионат, откако на свој терен немаше никакви проблеми против тимот на Ферара.
Мркиќ и Ериче против Ферара остварија убедлива победа, која беше изразена со 14 гола разлика, 36:22. Голем удел во победата имаше и ракометарката од Македонија која беше најефикасна на теренот.
Македонката во мрежата на гостите постигна девет гола, имаше и неколку асистенции кон нејзините соиграчки и одлично ја заврши својата задача во одбраната.
Ериче во годинешната сезона атакува на висок пласман во шампионатот на Италија, а потврда за силните амбиции на клубот е ангажирањето на екс голманката на Бразил, Чана Масон, која е големо засилување, и сигурно со нејзиното богато искуство тимот на Ериче ќе може да се надева и на шампионската титула.
Екипата на Мркиќ по четири одиграни кола има биланс од три победи и еден пораз. Во следното, петто коло, Ериче ќе гостува кај Падана, екипа која во досегашниот тек забележа две победи и три порази.