Maкедонската репрезентација вчера одигра реми (24:24) во Злин против Чешка, иако резултатот е позитивен сепак имаме за што да жалиме затоа што во еден момент од второто полувреме водевме и со седум разлика.
Со ова реми во реваншот во Скопје се е отворено, а голманот на Чесите, Томаш Мрква верува дека во Македонија тие ќе се прикажат во добро издание.
„Во еден дел од натпреварот си помислив дека играме со некаква кочница, имавме проблеми. За среќа и благодарение на одличните гледачи успеавме да извлечеме нерешено. Свесни сме дека во Македонија ќе биде многу тешко, не чека пеколна атмосфера. Тие ќе имаат поддршка слична на нашата тука“.
Голманот смета дека Чешка треба да игра на нивото со кое играле во финишот од натпреварот против Македонија.
„Мораме да анлизираме каде и во што грешевме, како што кажав на почетокот почувствував како да имаме некоја кочница, веројатно присутна беше нервоза. Во последните 15 минути го прикажавме нивото на кое треба да бидеме во секој натпревар, сигурно дека не сме без шанси во реваншот“, изјави Мрква.
Реванш натпреварот против Чешка во недела од 19:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.