Мотор победнички доаѓа во Битола

Ракометарите на Мотор Запорожје победнички доаѓаат на гостувањето во Битола кај македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер, откако во натпревар од втората Бундес лига славеа во дерби дуелот против Росток со 31:30.

Украинскиот шампион во победата против Росток беше предводена од левото крило Александар Касаи и од младиот Игор Турченко. Касаи постигна седум погодоци, додека Турченко имаше шест реализации.

Левиот бек Турченко моментално е најдобар стрелец во Лига на Европа, на девет натпревари постигна 78 погодоци и има импресивна реализација од 70,3 %. Тој е и најдобар стрелец во втората Бундес лига со 150 погодоци.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Мотор Запорожје ќе се одигра на 28 февруари, со почеток од 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.

Победникот од овој дуел ќе обезбеди пласман во осминафиналето во Лига на Европа. На Еурофарм Пелистер во дуелот со незгодниот состав на Мотор Запорожје му одговара и нерешен резултат.