Екипата на Мотор Запорожје поради актуелната ситуација во Украина, во следната сезона би можела да игра во втората Бундес лига, пишува „handball world“. Челниците на Бундес лигата размислувале за приклучување на украинскиот тим во втората Бундес лига.
Како што е веќе познато, националниот шампионат на Украина беше прекинат поради актуелната ситуација меѓу Украина и Русија, а доколку Мотор игра во втората Бундес лига, тогаш тимот би можел да го добие и потребниот играчки ритам за Лигата на шампионите.
Бидејќи Мотор законски не може да учествува во втората по ранг квалитетна лига во Германија, тогаш натпреварите на украинскиот тим не би имале никакво резултатско значење бидејќи би се одиграле во форма на пријателски натпревари, односно не би биле официјално вклучени во статистиката.
Мотор во Лигата на шампионите настапува од сезона 2013/14. Украинскиот тим во наредната сезона во елитното клупско натпреварување може да учествува преку една од шесте вајлд-карти што ги доделува ЕХФ.
Војната во Украина беше причина клубот да не ги заврши целосно настапите во групната фаза во Лигата на шампионите и не ги одигра последните три натпревари против Барселона, ПСЖ и Порто. ЕХФ одлучи натпреварите да бидат регистрирани со службен резултат (10:0) за противниците на клубот од Запорожје.
Мотор од 2013 година доминираше на украинска сцена, а тимот на трипати стигнуваше до осминафиналето во Лигата на шампионите. Поголемиот дел од играчите веќе го напуштија клубот и сѐ уште не се знае со каков играчки кадар ќе располага актуелниот шампион на Украина за следната сезона.