На средбата против Вардар в среда од 20:15 часот во Скопје екипата на Мотор Запорожје ќе допатува без своите најдобри ракометари.
Според информациите од Украина на овој дуел нема да има ниту еден ракометар од поискусните во тимот. Заедно со тренерот Никола Степанек тие ќе останат во Украина за да се подготвуваат за дуелот против Монпелје во Лигата на шампионите и ќе го прескокнат овој натпревар од СЕХА лигата.
Ниту еден од интернационалците во редовите на Мотор Запорожје исто така нема да биде дел од тимот кој ќе дојде во Скопје, па се очекува на оваа средба екипата од Украина да биде само со домашни ракометари и главно со играчи кои се меѓу помладите во составот.
После овој дуел и за Вардар и за Мотор претстојат нови средби од Лигата на шампионите. Вардар в сабота од 18 часот ќе се соочи со тимот на Келце во Полска, додека Мотор в недела од 19 часот ќе му гостува на составот на Монпелје.