Екипата на Еурофарм Пелистер 2 во својот прв контролен натпревар за продолжението од сезоната забележа убедлива победа против составот на Струга со девет гола разлика, 30:21.
Откако стружани одиграа одлично во првото полувреме и Еурофарм Пелистер 2 водеше само со еден гол, 12-11, во вториот дел избраниците на Наум Танески не можеа да им парираат на пелистерци и на крајот загубија убедливо.
Тренерот од Еурофарм Пелистер 2, Александар Јовиќ на овој натпревар не можеше да смета на голманот, Благојче Трајкоски и левото крило, Цветан Кузманоски, кои со репрезентацијата на Македонија учествуваат на Европското првенство.
Во екипата на Струга отсутен беше голманот, Никола Матовиќ, кој учествува на Европското првенство со црногорската репрезентација.
Еурофарм Пелистер 2 и Струга ќе имаат уште една меѓусебна пресметка од регуларниот дел од Суперлигата. На првата одиграна средба во Струга, натпреварот заврши без победник, 30:30.