Може ли Македонија против традицијата – Романија досега настапила на сите 24 Светски првенства!

Македонија доби силен ривал во баражот за Светското првенство во Шпанија, а тоа е селекцијата на Романија. Тоа е земја со долга традиција во женскиот ракомет, а за тоа доказ е нивното учество досега на сите одржани Светски шампионати почнувајќи од 1957 година. Еднаш биле светски прваци, во 1962 година, но тие генерации се минато.

Во поново време може да се пофалат со третото место на СП во Бразил во 2015 година, а актуелната генерација предводена од Кристина Неагу и Крина Пинтеа е во зенитот. Освен Неагу, која троши најмногу шутеви, од бековската линија тука се некогашниот голем талент Елиза Бучеси, потоа Периану и Ласло, но тие не можат да се пофалат со добра форма последниот период.

Симовски уште отсега мора да смисли како ќе ја затвори 192 цм високата Крина Пинтеа, која игра на пивотменската позиција. Десните крила Моису и Сарафичеану, одиграа солидно на олимпискиот квалификациски турнир во Црна Гора, а не смее да се заборави ниту на голманскиот двоец Думанска и Деду, а и едната и другата периодов се мачат со формата.

Романија е дефинитивно непосакуван противник, но како што најави и селекторот Симовски, и тие имаат слаби страни, а најдобри играат против најсилните, додека им се случуваат и лоши партии, како во квалификациите за ЕП 2020, кога едвај победија против Фарски Острови.