Шампионот на Романија, Динамо Букурешт, иако се наоѓа на последното место во својата група од Лигата на шампионите, за натпреварот против Барселона, кој ќе се одигра на 17 февруари во романската престолнина, ќе има голема поддршка од своите навивачи.
Според романските медиуми, билетите за овој натпревар веќе се продале во краток временски период. Гостувањето на ракометниот гигант од Каталонија беше причина за овој натпревар да има над 10.000 барања за билет, но спортската сала „Поливалента“ во Букурешт има капацитет за околу 5000 гледачи.
„За натпреварот против Барселона можевме слободно да наполниме еден цел фудбалски стадион“, коментираа од раководството на Динамо Букурешт.
Избраниците на Чави Пасквал во досегашниот тек од сезоната во Лигата на шампионите забележаа седум порази и три победи. И покрај лошиот резултат во најквалитетното европско натпреварување, фановите на клубот ќе им дадат ветер во грб на своите ракометари во тешката борба против актуелниот шампион во ЛШ.