Финансиските проблеми на полскиот тим Келце се провлекуваат неколку сезони, но Бертус Сервас секогаш знае како да се избори со нив и да носи нови играчи во тимот. Но се чини дека следната сезона и тој и тренерот Талант Душебаев ќе бидат на големи маки. Двата најголеми спонзори ќе ги редуцираат финансиите што ги даваат во клубот, па се уште не е јасно дали сите нови засилувања ќе му пристапат на клубот.
Душебаев во интервју за клупскиот сајт вели дека сите четири трансфери на Николас Турна, Сигвалди Гудјонсон, Хаукар Трастарсон и Себастијан Качор се доведени во прашање.
„Сите четири трансфер се во ризик да не се остварат. Не знаеме како ќе изгледа следната сезона. Ако нема Лига на шампиони, што е можно, тогаш за во полското првенство нема да ми требаат 17 или 18 играчи. За жал, можеби ќе треба да ги позајмиме, па дури и да ги продадеме и Вулф, Карачиќ и Душебаев“, вели Талант.
Сепак од друга страна негира заминување на хрватскиот плејмејкер од Келце.
„Секогаш треба да помагаш, да го правиш тоа што најдобро го знаеш, но доаѓа момент кога не можеш повеќе. На пример, ако Карачиќ не земал плата во Вардар 18 месеци, и овде му биде намалена платата, тогаш не може да го обвиниш ако друг клуб му понуди повеќе и тој си замине. Тоа го кажувам само за пример, не сакам тоа да се развлече низ медиумите како сензација, бидејќи засега нема ништо од заминување на Карачиќ“, вели Душебаев.
Шпанскиот стратег вели дека сега ќе владее законот на џунглата и најсилните ќе се обидат да ги ангажираат најдобрите играчи од помалите клубови.
„Законот на џунглата ќе доминира. Најсилниот ќе победи. Ако имавме поголем буџет, можеби ќе останеа и Јанц и Циндриќ. Знаеме дека најголемите клубови веќе се обидуваат да им понудат на нашите играчи подобри понуди и повеќе финансии од тие што ги заработуваат овде. Знаеме дека ќе дојде момент кога најдобрите играчи ќе сеи заминат. Затоа ни треба поддршка од целиот град, од општината и од сите други“, заврши Душебаев.
Келце требаше да игра против Целје во осминафиналето на Лигата на шампионите, но ЕХФ ги откажа тие дуели и полскиот тим предвреме ја заврши сезоната.