Металург ќе бара нов тренер во продолжениетот од Супер лигата. Оливер Димитриоски повеќе нема да седи на клупата, барем не како главен тренер. По поразот од Пролет во првото коло од плејофот, Димитриоски добил СМС порака со едноставна содржина – повеќе не е тренер на Металург.
Тој е четвртиот тренер што замина од клубот сезонава. Прво Зоран Кастратовиќ кој даде оставка, потоа Перо Мисовски кој си замина за Катар, и Алексо Лембановски кој замина во екипата на Пролет. Ако на тоа се надоврзе и заминувањето на Игор Котевски од Металург 2 во КЛ7 тогаш бројката на заминати кажува нешто друго.
“Поради слабото и безидејно издание на нашиот тим во неколку последователни натпревари и слабите резултати, Управата на клубот му се заблагодари на соработката на тренерот Оливер Димитриоски. Во следните неколку дена ќе се донесе одлука кој ќе го води тимот во плејоф-натпреварите на македонската Суперлига“, стои во соопштението објавено на клупската интернет страница
Има повеќе од десет дена до продолжување на првенството, бидејќи ќе има ЕХФ недела и два настапи на репрезентацијата на Македонија со Данска.
Можеше и да се претпоставува дека Димитриоски е блиску до отказ ако не почне да победува, но секако и клубот не направи ништо тој да има барем играчи со кои може да се натпреварува на високо ниво. Се соочуваше со многу проблеми за кои тој не беше виновен, а клубот секогаш сака резултати.
Клубот долго време минува низ тежок период, не се пласираше во следната фаза од Лига Европа, неколку играчи си заминаа, дојде само еден – недоволно да биде конкурентен со „гладните“ домашни тимови како што се Пролет, Бутел и Охрид кои сакаат сезоната да ја завршат што е можно погоре на табелата.
Наместо играчки стабилизирање, клубот реши да пушти некои од засилувањата, а притоа да не донесе доволно поквалитетни играчи. Димитриски е само колатерална штета. Секако полесно е да смениш тренер отколку 15 играчи.
Но, тоа е тренерската работа. Куферите се секогаш подготвени.