Довчерашниот голман на Прилеп, Стефан Христоски својата кариера ќе ја продолжи во српскиот шампионат.
Младиот голман, кој има 20 години, е најновото засилување во тимот на Партизан, кој освен на домашна сцена се натпреварува и во регионалната СЕХА лига.
Прилепчанецот ќе има шанса да собира драгоцено искуство во клубот од Белград, но и да го покаже својот квалитет во еден од најдобрите клубови на Балканот.
Христоски веќе се адаптира во новата средина, ги имаше првите тренинзи со новиот тим и неговиот деби настап за Партизан се очекува да биде на 15 март во дерби дуелот против Црвена Ѕвезда.
Македонскиот чувар на мрежата веќе е пријавен и во СЕХА лигата, па ќе биде во конкуренција за настап и на дуелите со словачкиот Татран Прешов.
Освен Христоски, српскиот суперлигаш на располагање има уште тројца голмани. Тука се Андреј Трнавац, Иван Михајлов и искусниот Срѓан Ѓорѓевиќ.
Партизан моментално се наоѓа на 3. позиција во домашниот шампионат, на свое конто има 30 бода и заостанува 4 бода во однос на првопласираната Војводина.