Млад Македонец гради кариера во Шведска – најслабите екипи овде имаат услови како најдобрите македонски!

Младиот Македонец Матеј Трајановски на 18 години го направи првиот трансфер во странство и ја има можност да ја гради својата кариера во Шведска, земја што е позната по одличната работа во младинските категории.

Трајановски игра на позицијата десно крило, а во шведскиот тим Савехоф замина од Вардар, за кој претходната сезона одигра и меч во регионалната СЕХА лига. Во моментов е дел од втората екипа на Савехоф, која се натпреварува во Првата дивизија на Шведска и се наоѓа на првото место по 22 кола, а Трајановски добива минутажа и има добри партии.

Десното крило потекнува од составот на Илинден Вардар, а во Македонија беше член на Металург и Вардар.

„Јас се занимавам со ракомет веќе десет години, а започнав да играм во ракометната школа Илинден Вардар. По четири години таму се преселив во составот на Металург, каде минав една сезона и почнав да играм во пионерската лига. Потоа следуваше преминот во Вардар, кај тренерот Зоран Петковски, и останав во „црвено-црниот“ тим пет сезони“, вели Трајановски.

Во ситуација кога Вардар имаше скратен ростер поради репрезентативни настапи, а требаше да се игра меч од СЕХА лигата против Војводина, во првиот тим беа вклучени неколку млади ракометари, меѓу кои и Трајановски.

„Бевме повикани јас и уште неколку млади ракометари да тренираме со првиот тим и настапивме против Војводина. Добивме шанса да тренираме со играчи како Дибиров, Јотиќ, Стоилов…Тоа за мене беше најголемо искуство во мојата кратка кариера. Секако тоа ми даде тоа надеж и мотивација да не застанувам и да продолжам да тренирам, па по неколку месеци повторно добив повик да тренирам со првиот тим и тоа ми значеше навистина многу што тренерот Стевче Алушовски ми даде прилика да покажам колку можам“, продолжува Трајановски.

Тој неколку пати се најде на поширок список на пионерската и кадетската репрезентација на Македонија, но не доби шанса за настап.

„Бев неколку пати на поширок список на националните репрезентации. Прво за пионерската репрезентација која во 2020 година играше со Романија, но не добив шанса. Потоа се најдов на поширок список и во 2021 година“, вели Трајановски.

Трансферот во Шведска се случи минатото лето.

„Во Савехоф сум веќе осум месеци и можам да кажам дека сум презадоволен од тоа како се одвиваат работите досега. Условите во Шведска за развој на млади ракометари се одлични, како пример ќе кажам дека само во градот Гетеборг каде што живеам има повеќе од 150 сали само за ракомет, а низ цела Шведска сигурно уште многу повеќе. Од тоа што досега го видов можам да кажам дека условите што ги имаат најслабите екипи овде се на исто ниво со условите што во Македонија ги имаат најдобрите екипи“, заврши Трајановски.