Екипата на Младост од Богданци ја оствари петтата победа во новата сезона од Првата лига, откако го совлада Кичево на гостински терен со 32:31. Младост на овој натпревар настапи без неколку повредени играчи.
Натпреварот, кој што беше одигран во спортската сала „Јанчица“, донесе голема неизвесност и само нијанси одлучуваа кој ќе ја добие битката.
Мечот започна со водство на гостите од Богданци, кои во воведниот дел имаа 5:1 и како одминуваше времето градеа сигурна предност. Играта во напад претставуваше проблем за избраниците на Сарџоски и домашниот тим не можеше да ја пронајде идеалната постава со која ќе фати приклучок и ќе му парира на гостинот.
Младост во последниот дел од првото полувреме дојде и до шест гола разлика и водство 13:7. Кичево во последните минути од полувремето ја подобри реализацијата во нападите и на пауза замина со два гола негатива 15:13.
Во второто полувреме се играше гол за гол. Домаќинот успеа да се врати во игра и до крајот се бореше за освојување на барем бод, но невнимателноста лесно беше казнета од страна на гостите од Богданци. Ракометарите на Младост иако имаа водство од 29:26, домаќините со два гола во низа намалија на 29:28 за неизвесен финиш.
Сепак, гостинскиот тим беше пофокусиран во клучните моменти, во кои Стоилов, Роглев и Атанасов имаа успешни реализации и не дозволија домашниот тим да освои бод во денешниот дуел.
Најефикасен во победничката екипа беше Никола Роглев со осум погодоци, додека по седум постигнаа Димитар Пеев и Митко Стоилов. Во поразениот табор се истакна Дарко Јаневски со осум погодоци.