Младост триумфално и во Велес, Борец не можеше да парира

Ланскиот суперлигаш, Младост од Богданци на гостувањето во Велес беше подобар од Борец со 26:22 во рамките од 3. коло од Првата машка лига од Групата Б.

Гостите од Богданци во текот на целиот натпревар беа во водство и не дозволија изненадување. Победата беше обезбедена уште во првото полувреме кое заврши со 14:7 за екипата предводена од Игор Тодоровски.

Во вториот дел, Борец се обиде да намали дел од предноста на противникот, но за каква било сензација или пресврт немаше доволно сила ниту пак можеше да им парира на поискусните ракометари.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот на Младост, Илија Чрчев со осум гола. На спротивната страна, Кристијан Ристов и Антониј Андоновски постигнаа по пет гола.