Младост со цел плен од Ресен, Скопје продолжува во победнички ритам

Екипата на Скопје продолжува победнички во прволигашката конкуренција, откако во натпревар од 8. Коло од групата Б славеше над Драчево со два гола разлика, 31:29.
Довчерашниот суперлигаш со денешната победа, 6-та во новата сезона, дојде до 12 бода на свое конто, додека Драчево остана на осум бода.

Избраниците на Димитриоски уште од стартот беа во предност, на полувреме заминаа со плус пет, 18 :12, а во вториот дел на моменти се опуштаа, но ниту еднаш не дозволија Драчево да направи камбек.

Предводник во победничката екипа беше Андреј Тркалевски со седум погодоци, Владо Ристески постигна шест, по пет запишаа Дарко Рангелов и Бојан Чакалиќ.

Кај Драчево искусниот Ѓорѓи Дука имаше свој ден, натпреварот го заврши со 11 погодоци, кои беа недоволни за поволен резултат на гостинскиот тим.

Младост на гостувањето во Ресен кај Преспа Вардар дојде до петти сезонски триумф, откако победи против домаќинот со 35:19. Гостите од Богданци доминираа на теренот, а со оглед на квалитетот меѓу двете екипи, победникот беше познат уште по првиот дел.

Ракометарите на Младост на пауза заминаа со 16:10, во второто полувреме не се опуштија ни за момент, продолжија со исто темпо зголемувајќи ја разликата за конечни 16 плус.

Младинскиот репрезентативец Антонио Николовски беше најефикасен во победничката екипа, постигна шест погодоци, по пет имаа Ѓорѓе Атанасов и Мартин Прчев. Во домашниот табор Иван Костовски со осум гола беше предводник на стрелците.