Екипата на Младост од Богданци го надигра Астраион со 30:19 и конечно дојде до победа во плеј-аут натпреварите од Супер лигата. Во претходните три натпревари, Младост имаше неколку киксови. На денешниот натпревар имаше многу падови во играта на двете екипи и издигнувања со серија на голови.
Ракометарите на Младост добро го започнаа натпреварот, имаа водство од 4:0, а потоа и највисоко водство од 8:3. Гостинските ракометари од Струмица никако не можеа да го скршат отпорот на противникот и заостануваа на минус шест гола разлика, 11:5, по петнаесетина минути игра. Ракометарите на Драган Вурмо заминаа на полувреме со предност од 15:11.
Во вториот дел, Астраион со серија од 5:0 најави интересна борба и го изедначи резултатот на 17:17. Домашните ракометари, сепак го поправија впечатокот и возвратија со серија од 4:0 за ново водство од четири гола разлика, 21:17.
Во последните десетина минути, Астраион имаше голем број на грешки во своите напади, а поискусната екипа ја искористи кризата во спротивниот табор и со убедлива серија од 7:0 стигна до плус 11 гола разлика.