Младост не губи време – преговара со двајца Украинци и тројца македонски играчи!

Новиот суперлигаш Младост Богданци, кој по 12 години се враќа во елитното друштво не губи време и веќе ги започна плановите за формирање на ростерот пред стартот на сезоната.

Тимот ќе располага со солиден буџет, но од Богданци нема да се залетуваат, па целта во првата сезона по камбекот во Суперлигата ќе биде сигурен опстанок.

„Имаме неколку ракометари од младинската школа кои веќе можат да одговорат на предизвикот, а ќе се приклучат и неколку поискусни играчи. Во преговори сме со двајца репрезентативци на Украина како и уште тројца македонски ракометари. Меѓутоа како и до сега, така и понатаму нема да се залетуваме ќе продолжиме скала по скала со млади, талентирани и домашни играчи, и во план имаме ангажман само на ракометари со кои би биле конкурентни за опстанок во Суперлигата во првата година. Меѓутоа никогаш ништо не се знае бидејки се зависи од финансиите. Имаме голема поддршка од градоначалниците на Богданци, Валандово и Дојран, па можно е да се направи и респектабилен тим дури и за плеј-оф. Во текот на месецот очекуваме состаноци и со бизнис секторот, со цел дефинирање и конструирање на буџетот за предизвикот кој не очекува“, вели Никола Роглев, кој покрај тоа е што играч и тренер, ја извршува функцијата генерален секретар во Младост.

Покрај Младост Богданци, во Суперлигата следната сезона ќе играат и КЛ7, струмички Астраион, Прилеп, Тиквеш и Јуниор Кисела Вода.