Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 во последното коло од регуларниот дел од Супер машката лига одиграа одлична партија против Охрид и триумфираа во СЦ „Билјанини Извори“ со 28:25.
Охриѓани имаа добар почетокот на дербито и со погодоците на Таески и Николов стигнаа до водство од 2:0 за две минути игра. Ракометарите на Александар Јовиќ во неколку напади успеаја да се одбранат најавувајќи резултатска промена. Битолчани израмнија на 2:2 и по пет минути игра со голот на Арсеновски за првпат дојдоа до своја предност од 3:2. Ракометрите на Охрид на трипати во своите напади ја погодија стативата на голот на противникот.
Еурофарм Пелистер 2 ги искористи грешките на домаќините и на половина од првото полувреме стигна до највисокото водство од плус три, 8:5. Тоа беше причина тренерот на Охрид, Раде Стојановиќ да побара тајм-аут. По советите од домашната клупа, Филип Николов со својот втор погодок ја прекина лошата игра на своите колеги и намали на минус два, 6:8, но за кратко време, Ѓорговски ја врати предноста на гостите за 9:6.
Следуваше уште еден погодок на Еурофарм Пелистер 2 за 10:6. Во тој момент дојде до мал пад на играта на гостите. Охрид со серија од 4:0, односно со погодоците на Николoв и Шилегов израмни на 10:10. Домаќините никако не можеа да најдат решение за брзата игра на „фармацевтите“, кои ги наградија одбраните на Трајковски и повторно стигнаа до ново водство од 13:10.
Охрид се врати во игра во завршниот дел од првото полувреме. Иако, ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 беа на чекор да дојдат до психолошка предност на полувреме, сепак домаќините со два гола во низа го поставија конечниот резултат од 15:15 на пауза.
Во 33. минута исклучување заработи Буторац. Неговото отсуство беше причина Охрид да ја зголеми својата предност на 17:15 откако претходно беше 16:15. Еурофарм Пелистер 2 првиот погодок во второто полувреме го постигна преку Павле Атанасијевиќ во 37. минута. Споменатиот ракометар, исто така во 38. минута заработи исклучување од две минути, но Охрид не успеа да ја искористи дадената прилика и да дојде до плус три позитива.
Битолчани повторно направија камбек на натпреварит и со одличната игра на Ѓорговски израмнија на 19:19 и 20:20, а во следниот период постигнаа два брзи гола за 22:20. Пелистерци во последните десет минути влегоа со минимално водство од 23:22. Еурофарм Пелистер 2 продолжи да игра во најдобар ритам до самиот крај. Охрид на речиси четири минути пред крајот влезе во сериозна резултатска негатива од минус три, 26:23. Домашниот состав во клучните моменти беше целосно деконцентриран, со што му овозможи на Еурофарм Пелистер 2 да дојде до победа на денешниот натпревар.
Најефикасен на натпреварот беше Емилијан Ѓорговски со девет погодоци. Одличен меѓу стативите на Еурофарм Пелистер 2 беше Благојче Трајкоски со 11 интервенции. Кај Охриѓани, Мице Шилегов беше прв стрелец со седум постигнати погодоци.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА