Откако завршија настапите во единствената сениорска конкуренција кај дамите, клубовите започнаа да се активираат на трансфер пазарот.
Чаир е екипата која го скрши мразот и го претстави првото засилување за следната сезона, во која клубот ќе влезе со поголеми амбиции во однос на штотуку завршената сезона.
Третопласираната екипа од Женската лига за следната сезона ќе биде посилен со младинската репрезентативка на Косово, Клеа Ајвази.
Младата ракометарка, која има само 18 години, редовите на Чаир ќе ги засили од екипата на Приштина.
Од Чаир истакнаа дека целта е да се создаде база на млади и талентирани ракометарки.
,,ЖРК Чаир продолжува со реализацијата на зацртаниот план, да привлече што повеќе талентирани ракометарки за да ги подобри резултатите на своите екипи во младинските категории, воедно и да се формира база од таленти од која потоа ќе се црпат играчи за првиот тим”, соопштија од скопскиот клуб.
Екипата на Чаир во следната сезона освен во домашниот шампионат ќе игра и на европска сцена.