Младинската женска репрезентација имаше исто така шанса да направи успех како кадетките.
Таа беше и домаќин на ЕХФ Шампионатот во Скопје, но многу фактори влијаеја – помалку време за подготовки, некомплетен тим, но и фактот дека со воздржаност гледаа на Савевски, кој реално беше непознаница за нив.
„Малку беше времето за младинките да направат нешто, иако бевме на добар пат. Од оваа дистанца, ни недостасуваа играчи, не бевме комплетни. Да знаев дека сестрите Коцеви се таков квалитет ќе ги земев и со младинките, па макар само да тренираат. Секако и Дуковска и Младеновска ќе имаа поголема минутажа, но тие уште не беа подготвени. И Ризовска од Феникс која не ни играла сезонава. Овие девојчиња се откритие може не само на првенството туку и во македонскиот ракомет воопшто, нови бисери кои се појавуваат. Внимателно селектиравме. Сакав играчи кои играат во два правци. Модерниот ракомет бара нешто кое уште не се применува кај нас, а тоа е математичка селекција, но ние не можевме да го постигнеме тоа, ограничен е квалитетот. Работевме многу и со двете селекции, но имаше разлика меѓу младинките и кадетките. Кај кадетките имаше поубав фитбек, поотворено срце и повеќе беа подготвени да прифатат. На почетокот девојките стоеја на дистанца, со резерва, се чувствуваше тоа. Девојчињата не беа ни свесни дека во таа резервираност загубивме време. Немаше импулс во однос на нивната подготвеност да прифатат сè, имаше и коментари ’Од каде дојде овој сега’, но тоа сметам дека се коментари од клубовите, можеби од завист дека тие не се на моето место. Мене не ме тангираше тоа, но се одразуваше на девојчињата. Јас сум и психолог и многу сакам да држам состаноци, мислам дека менталниот склоп е многу важен да се убедат ракометарките дека се добри, а ако навистина има квалитет и ако го сфатат тоа, тогаш нема проблем. Со младинките не го издржавме темпото, но во тоа успеавме со кадетките, а двојните подготовки и фактот дека подолгиот период минаа заедно го направи своето. Моја омилена фраза беше дека можеме секого да победиме и тоа се покажа, колку и да е поквалитетен ривалот, ако се сака, сè се може и ако се има дисциплина. Приказна со таткото со 12-те сина, кои се карале им ја кажував. Таткото земал 12 стапчиња и ги кршел едно по едно, но кога се обидел да ги скрши сите 12 заедно, не можел. Само тоа е начин да се успее – заедништвото. И на почетокот ме гледаа чудно, сигурно си велеа која е оваа будала, но јас видов дека има во нив ’глина за моделирање’ и кога го прифатија тоа кадетките играа храбро и без страв. Со младинките и како домаќини судиите не нè промовираа многу, на одлучувачкиот меч со Фарски Острови на двапати реализираме погодоци, а судиите нèвраќаа да шутираме пенал кои ги промашивме. Да победевме и со нив ќе игравме во полуфинале.“
Целосното интервју со Љубомир Савевски прочитајте го во продолжение…
ИНТЕРВЈУ ЉУБОМИР САВЕВСКИ: Успехот на кадетките е само „иницијална каписла“, тешкото допрва следи