Екипата на Бутел со денешната победа во Битола против Еурофарм Пелистер 2 од 25:24 се врати во игра за 4. позиција на табелата, која носи излез на европска сцена.
Бутел сега дојде до 10 бодови на свое конто и го презеде петтото место на табелата. Тимот од Скопје заостанува на само еден бод од моментално четвртопласираниот Тиквеш. Еурофарм Пелистер 2 е далеку од повторување на ланскиот успех кога заврши како четврти.
Домашниот тим добро го започна натпреварот и по пет минути игра имаше водство од 4:2. Бутел откако намали на 4:3, не искористи уште еден напад за да дојде до второ изненадување, по она почетно од 1:1, по што Еурофарм Пелистер 2 казни за 5:3. Овие пет гола во првите 15 минути за домашниот тим беа дело на Петровиќ, кој во првата половина од првото полувреме беше нерешлива енигма за гостите.
Босанскиот интернационалец беше шутерски расположен во дуелот со тимот од Скопје и со својот шести гол повторно му донесе на својот тим ,,плус два” 6:4. Ракометарите на Зарков по водството од 7:4 направија неколку грешки и дозволија Бутел да израмни на 7:7 во 20-та минута.
Тимот на Еурофарм Пелистер 2 речиси осум минути немаше постигнато гол. Кризата кај домаќините ја прекина повратникот Ѓорговски и го врати водството од 8:7, но бргу возврати Бутел за 8:8. До крајот на полувремето, двете екипи постигнаа по уште три гола, така што на пауза резултатот беше 11:11.
Ракометарите на Грчевски во 35-та минута го презедоа водството во свои раце, најпрво поведоа со 13:12, потоа дојдоа до највисоките дотогаш два гола разлика, 14:12. Пелистерци на двапати успеаја да го израмнат резултатот (14:14, 15:15), но мотивираните ракометари на Бутел со расположениот Мајиќ стигнаа до 18:15, на моменти имаа и три до четири гола разлика.
Еурофарм Пелистер 2 полека ја топеше предноста на Бутел и во самиот финиш се врати во игра. Иако Бутел водеше со 24:20, тимот на Зарков со четири гола во низа израмни на 24:24 на десет секунди пред крајот. Јовица Младеновски во последните секунди имаше успешна реализација за 25:24. Домаќините немаа доволно време да организираат напад и да се изборат за бод.
Убедливо најефикасен во победничката екипа беше Мирко Мајиќ со 12 погодоци, три додаде Јовица Младеновски, од кои последниот за победа, по два запишаа Филип Николов, Бојан Спасовски и Дејан Михајловиќ. Кај Еурофарм Пелистер 2 се истакна Павле Петровиќ со десет погодоци.