Младата македонска репрезентативка Ива Младеновска, од следната сезона ќе го има првиот интернационален предизвик во кариерата.
Таа потпиша за францускиот Брест Бретањ, и се обврза за верност од 2027 година, односно во следните четири сезони.
Младеновска во јануари беше на пробен период во францускиот суперлигаш и ги задоволи вкусовите на челниците од клубот, по што следуваше соработка меѓу двете страни.
Актуелната ракометарка на Металург, иако има само 16 години, во следната сезона ќе игра во еден од најдобрите европски клубови и ќе има шанса да го покаже својот квалитет во францускиот шампионат, но и во Лигата на шампионите.
,,Уште од мала сонував да играм во голем клуб како Брест Бретањ и сега соништата ми се остварија. Многу сум возбудена што ќе бидем дел од овој тим. Атмосферата во клубот е одлична, имав неколку тренинзи и девојките ми оставија добар впечаток. Ракометот во Франција е на многу повисоко ниво, но јас сум подготвена за нови предизвици”, изјави Младеновска за клупската страна на Брест Бретањ.
Комплименти за Младеновска имаше тренерот на Брест Бретањ, Пабло Морел.
,,Среќен сум што ќе ја имаме Младеновска во нашиот тим. Таа е една од најголемите таленти на нејзината генерација во Европа. Има вистинска зрелост во играта, поседува добар квалитет. Ива беше на радарот на многу европски клубови, но таа реши да ни се придружи бидејќи виде дека тука може да има вистинска индивидуализирана поддршка, дека има човечки ресурси околу младите таленти”, изјави Морел за клупската страна на Брест Бретањ.
Десниот бек од Македонија е петтото засилување за францускиот вицепрвак, кој претходно се засили со Одри Дембеле, Жулиет Фор, Валерија Маслова и Шарлот Чолевова.
Македонскиот дијамант оди во Франција: Ива Младеновска потпиша за Брест Бретањ!