Поранешниот учесник во Лигата на шампионите, рускиот суперлигаш Астраханочка, денес објави дека ракометарката Викторија Дивак трагично го загубила животот на 29 години.
Според дел од руските медиуми, ракометарката паднала од осми кат и починала. Во текот на денешниот ден треба да се знаат сите информации околу смртта на 29-годишната ракометарка, која имаше и интернационална кариера.
Дивак за тимот на Астраханочка настапуваше од ланската сезона. Во својата татковина беше дел и од Кубан Краснодар и Динамо Волгоград, додека на интернационално ниво го носеше дресот на Гомел од Белорусија, Нојштад од Германија и француски Ахен.
Со јуниорската репрезентација на Русија во 2009-та година го освои златото на Светското првенство. На клупско ниво, со тимот на Динамо од Волгоград стана трикратен шампион на Русија.