Една од иконите на македонскиот женски клупски ракомет, Милева Велкова, која беше дел од историскиот успех на Кометал Ѓорче Петров, но и која учествуваше во ренесансата на женскиот репрезентативен ракомет во Македонија, вели дека без двоумење го земала македонското државјанство и дека за неа било чест да го носи тој дрес.
„Првите две години играв во ЖРК Скопје, таму го запознава и сопругот, во сала. (се смее) Во ’94 кога се формираше македонската репрезентација, Марјан Начевски, кој го знаев од претходно, ми беше спортски директор во југословенската репрезентација ми понуди македонско државјанство. Го прифатив затоа што јас сум родена во Југославија и за мене тоа беше една република. Без ни малку дилема прифатив и ден денеска сум Македонка. Со иста жар и љубов гинев за Македонија, како претходно за Југославија. Дрес е дрес, не е важно за која држава, треба да гинеш за неа. Ние сме малечка земја која многу постигна, барем што се однесува до спортот. Мене ми беше чест да играм за Македонија. Народот тука многу си ги сака своите спортисти, тоа го почувствував кога се вративме од СП ’97, каков пречек имавме со Индира во нашата улица. Имаше плакат на кој со големи букви пишуваше ’Добро ни дојдовте, се гордееме со вас“. Слетавме околу пладне, дома влегов ноќта, и до полноќ имаше врвулица луѓе во мојот дом. Ќе излезам да пазарам во продавница, час-два не можев да се вратам дома. Ние се појавивме во време кога бевме радост на овој народ, некоја искра со која тој се радуваше – дали репрезентација или клуб бевме истите играчи и народот имаше верба во нас. Знаеја дека кога ќе излеземе на терен ќе гинеме, ќе дадеме сè од себе, па затоа и кога губевме имавме поддршка, затоа што ние правевме сè. Денеска кога ќе застанеш и ќе прашаш обичен граѓанин кој игра за македонска женска репрезентација, за жал, некој може ќе каже и имиња од нашата генерација, овие младите сега не ги ни знаат. Уште се зборува за нас, но се надевам дека ќе се смени тоа… Дека ќе се направи некој пресврт кој ќе го крене женскиот ракомет кај нас.“
Подолу прочитајте во целиот разговор со Велкова.
ИНТЕРВЈУ МИЛЕВА ВЕЛКОВА: ’Ѓорче Петров’ не смее да оди во заборав!