Екипата на Радовиш, која во следната сезона ќе влезе со речиси истиот состав од претходната, реши да ја продолжи соработката со актуелниот тренер, Љупче Мијалов.
Предводникот на Радовиш повторно ќе има задача со неговите избраниците да обезбедат опстанок во Супер лигата, односно клубот да го задржи суперлигашкиот статус.
Радовиш, моментално, има ангажирано само едно засилување, средниот бек од Морава, Јакша Вјештица. Од клубот официјално си замина Бобан Каковски, додека Александар Долдуров и Спасе Ѓорѓиев ставија крај на својата ракометна кариера.
Најголемиот дел од играчите го продолжија договорот со клубот. Во следниот период до почетокот на подготовките при крајот на месец јули, се очекува раководството на Радовиш да потпише професионални договори со дел од играчите на младинскиот погон.
Радовишани во следната сезона ќе бидат дел од групата Б заедно со Еурофарм Пелистер, Скопје, Голден Арт, Тиквеш, Јуниор КВ, Еурофарм Пелистер 2 и Пролет.