На оваа средба, Марко Мишевски беше еден од главните дефанзивци и играч од кој зависеа многу работи во одбраната. И тој како и сите во репрезентацијата на Македонија е разочаран од епилогот и имаше свое видување за она што беше направено денеска.
„Одигравме тежок натпревар. Одевме на сè или ништо. Победата нѝ беше потребна и беше морална. Не успеавме да дојдеме до неа. Промашивме премногу зицери. И честитам на репрезентацијата на Црна Гора за победата“, изјави Мишевски.
Играта во одбраната во првото и во второто полувреме многу се разликуваше.
„Потфрливме во првото полувреме во одбраната. Ние бевме подготвени на секој потег на противникот, но не успеавме. Примивме премногу голови што мислам дека нѝ се нема случено да примиме 17 гола во едно полувреме. Имавме и добра помош од голманите, но пресудни беа првите пет минути бидејќи влеговме во негатива и потоа моравме постојано да бркаме. Ќе направиме анализа и ќе видиме каде грешевме“, коментираше Мишевски.
Со овој пораз шансите за втор круг се веќе загубени, а в понеделник ќе треба да се одигра најдобро што може против Данска и без притисок за да се финишира првенството.