Репрезентативците на Македонија од вчера ги стартуваа подготовките за Европското првенство кое стартува на 13 јануари, а ракометарите веднаш заминаа за Маврово каде што ќе го одработат првиот дел од тренинзите.
Селекторот и капитен на Македонија, Кирил Лазаров на располагање има одлични млади ракометари од кои се очекува да го дадат максимумот на тренинзите и да се обидат да дојдат до место за првенството.
„Овие подготовки ќе дојдат добро и ќе ги искористиме максимално за да се подготвиме за она што не очекува во јануари. Нема да сме комплетни, ни недостигаат 3-4 ракометари, но сметам дека ќе го добиеме ефектот којшто го посакуваме на овие подготовки. Ќе дадеме максимум за да се докажеме“, вели за 24 Ракомет, Марко Мишевски.
Тој смета дека има квалитетна конкуренција и дека иако репрезентацијата е подмладена, квалитетот може да дојде до израз.
„Оваа репрезентација е подмладена. Има и искусни, но повеќето се помлади. Имаме квалитетна конкуренција, па се надевам дека ќе успееме тоа да го донесеме на површина и да имаме успех на Европското првенство“.
Ова е прв шампионат на кој Лазаров ја води Македонија како селектор, а тоа според ракометарот на Вардар е и добро бидејќи одлично знае како се чувствуваат.
„И тогаш и сега добиваме совети од него. Имаме добра комуникација. Добро е што сме играле заедно. Односот којшто го имаме со Кире е поинаков од односот кој сме го имале со другите тренери. Уште е играч и разбира, знае како е во нашата глава така што полесно се разбираме еден со друг“.
За ривалите на ЕП, Словенија, Црна Гора и Данска смета дека тоа се силни ривали против кои ќе мора да се даде максимумот.
„Станува збор за квалитетни репрезентации со добри ракометари кои играат и во Лигата на шампионите. Нè очекуваат квалитетни натпревари против секој од ривалите, а наше е да бидеме подготевни најдобро што може и да го дадеме максимумот на терен“, изјави Мишевски за 24 Ракомет.
Првиот натпревар за Македонија на Европското првенство е на 13 јануари против Словенија од 18 часот, а дотогаш ќе има доволно време за да може да се одработи сето она што ќе треба да се игра на првенството.